Wednesday, September 26, 2012

Интервју со Трифун Ситниковски, млад режисер



Презаситени сме од депресивни филмови

            Има само седумнаесет години и пет режирани филмови. Младиот режисер Трифун Ситниковски е ученик во трета година во скопската гимназија „Раде Јовчевски Корчагин“. Претпочита детективски, психолошки и трилер филмови. Го привршува петтиот филм, кој наскоро премиерно ќе биде прикажан во некое од скопските кина.

Кога се роди желбата да режираш филмови?
- Па, до четврто одделение мислев дека гледањето филмови се само губење време. Не можев да гледам филм повеќе од половина час. Но, драмскиот пресврт во мојот живот се случи во киното „Милениум“ кога брат ми ме однесе да го гледам последниот дел од „Џејмс Бонд“. По гледањето на филмот, најпрво ми се појави желбата за актерство, но како што изминуваше времето сфатив дека не сакам да глумам во визијата на режисерот, туку токму јас да бидам креаторот на светот што се прикажува на екраните.
  
Кога ја доби првата камера и кој беше твојот прв филм ?
- Првата камера ми ја купија моите родители откако забележаа дека многу се интересирам за режијата, и со неа во 2008 година го снимив мојот прв филм „Три исти карти“. Подоцна го снимив вториот филм, „Звукот на тишината“. Мојот трет филм се вика „Низ очите на еден тинејџер“ кој го направив во соработка со една моја соученичка, и тој всушност беше проект наменет за наставата по предметот Социологија. „Улицата злостор“ е мојот четврт филм, а петтиот, „Бурата на Рембрант“ е мојот последен, кој треба наскоро да го довршам и планирам да направам негова промоција.

Во твоите филмови имаш улога само на режисер?
- Па покрај тоа што сум режисер, автор сум и на сценаријата. Имам улога и на камерман, сценограф, монтажер, а некогаш се појавувам и како актер.

Кој ти е омилен режисер?
- Познатиот Стивен Спилберг, Мартин Скорсезе, Алфред Хичкок и Кристофер Нолан се моите омилени режисери од кои најмногу се инспирирам. Нормално, не се трудам да ги имитирам, но ги сметам за извор на инспирација.

Имаш уште цела година да размислиш каде ќе се запишеш на факултет, но, дали имаш план каде би продолжил?
- Сакам секое утро кога ќе се разбудам да бидам среќен бидејќи знам дека ме чека работа која ја сакам, работа која ме исполнува со позитивна енергија и работа која ќе ја работам со ентузијазам. Правењето филмови ми го нуди тоа чувство, и затоа не можам да се замислам во иднина да работам нешто друго. Затоа сакам да се запишам на некоја филмска академија, се надевам или на факултетот ЕСРА во Скопје, или ако имам можност некаде во странство.

Дали си учествувал на некои фестивали?
- Со филмот „Улицата злостор“ учествував на Државниот фестивал за аматерски филм, но не беше ставен на официјалното доделување на награди со објаснување дека бил премногу модерен, и дека треба да се вратиме малку назад. Таа забелешка не ја прифатив, и јас продолжив да создавам филмови онакви какви што сакам.

Кои жанрови ги претпочиташ?
- Фан сум на трилери, бидејќи тие буквално го внесуваат гледачот во филмот. Го тераат да размислува за тоа што ќе се случи на крајот и го ставаат во возбудлива ситуација на исчекување. Многу ми е жал што на македонската сцена не се прават вакви филмови.

Што мислиш за македонската филмска сцена?
- Факт е дека имаме огромен потенцијал и дека македонските режисери се навистина професионални во својата работа. Но, некои работи во македонскиот филм би сакал да се променат. Приказните се премногу депресивни и ја прикажуваат само темната страна на Македонија. Сметам дека публиката е изморена од ваквите теми и дека има потреба од филм кој ќе ги одведе надвор од мрачната реалност.


Марко Петревски

No comments:

Post a Comment