Sunday, December 4, 2011

Социјалните медиуми на мојата страница

http://www.facebook.com/pages/Multimedia-news/302287409792991?sk=wall
Фејсбук страница за мојот блог.

https://www.youtube.com/user/randomime1
Јутјуб канал

16 изложби на 16 години


Херојот од мојата улица: Стефан Плескоњиќ, најмладиот сликар во Македонија
16 изложби на 16 години


            Неофицијалниот гинисов рекордер и сликар Стефан Плескоњиќ својата прва самостојна изложба ја има направено на две и пол години. Има „дури“ 16 години и има одржано „само“ 16 самостојни ликовни изложби. Живее во Скопје и е втора година во скопската гимназија „Раде Јовчевски Корчагин“.

Стефан, кога почна да сликаш? Како започна целата приказна за тебе и сликарството?

            -Дедо ми е ктитор во манастирот во неговото родно село Теово, близу Велес. Во периодот кога тој беше зафатен со изградбата на манастирот често престојував кај баба ми и дедо ми. Бидејќи изградбата на манастирот била макотрпна, дедо ми понекогаш не се враќаше дома со недели. Еден ден, тој си дојде дома и и рече на баба ми: „Манастирот е готов, внатре се е наместено. Само недостасуваат слики“.
            По неколку дена, моите случајно ме однесоа во Младинскиот културен центар во Скопје, и тогаш имав прилика првпат да видам како изгледа ателје за сликање. Само што го здогледав, се сетив на речениците на дедо ми дека во манастирот недостасуваат слики, па бидејќи бев хиперактивно дете седнав да нацртам нешто со намера да му помогнам. Кога моите видоа што направив се изнасмеаја, а потоа и ги однесоа сликите што ги нацртав да ги врамат за да имаме спомен од моето детство.
            Кога ги однесовме сликите на врамување, човекот што ги изработуваше рамките беше изненаден. Праша: „Чии се сликиве, кој уметник ги насликал?“. Моите му одговорија низ смеа: „Еве, од малиов уметник“. Бидејќи тогаш имав две и пол години, врамувачот не ме ни забележал дека сум влегол во дуќанот поради масата што била пред него. Потоа, на отворањето на манастирот, беше мојата прва самостојна изложна.

Колку изложби имаш направено? Дали некои од нив се во странство?

            -Досега имам направено 16 самостојни изложби, а дел од нив беа во странство. Мојата трета изложба беше во Брисел кога имав 4 години. Тогаш имав прилика да се запознаам со тогашниот генерален секретар на НАТО Џорџ Робертсон и да му подарам моја слика. Со него се уште оджрувам контакт, си честитаме празници и родендени преку и-мејл. Во Брисел имав прилика да го запознаам и следниот генерален секретар на НАТО Јаап де Хоп Шефер, а лани се запознав и со сегашниот генерален секретар Андерс Фог Расмунсен на една средба во хотелот Стоундбриџ во Скопје.
            Мојата последна изложба беше во Вашингтон пред 2 години. Периодов стагнирам со сликањето поради обврските на училиште. Лани одложив две изложби. Едната зашто се разболев, а другата ја откажав од безбедносни причини бидејќи требаше да биде во Бахреин.



Имаш ли добивано некакви награди и признанија за твоите дела?

            -Со 8 години јас сум најмладиот добитник на тринаесетноемвриската награда во историјата на град Скопје. Исто така, добив и признание за „Ѕвезда која допрва доаѓа“ на еден фестивал во Бугарија (сличен на нашето „Охридско лето“). Ова признание го добив кога имав 7 години.

Која ти е омилена техника на сликање?

            -Сликам апстрактна уметност со акрилни бои на картон. Таков ми е стилот и не сакам да го менувам. Кога цртам нешто реално, не се разликувам многу од моите врсници, но кога цртам нешто апстрактно и во мојот омилен стил, се разликувам многу. Ретко кој од моите врсници може да го разбере тоа што го правам. На пример, на часовите по ликовна уметност не можам да се истакнам пред другите соученици бидејќи ни даваат да работиме нешто сосема различно од тоа што го работам јас.

Кои се твоите планови за иднина?

            -Периодов стагнирам, но преговарам со Амбасадата на РМ во Стокхолм за да направам изложба таму. Планирам таа да се случи во ноември. Москва е следна.

Марко Петревски