Wednesday, September 26, 2012

Во Ново Лисиче нема кај да се паркира



            Во скопската населба Ново Лисиче паркинг просторот веќе подолг период е проблем за граѓаните. Често се случува некој жител да не најде место за паркирање близу својата зграда, па кружат низ целата населба за да најдат слободен простор. Помладите возачи пак, кои навечер од излегување се враќаат со сопствен автомобил, велат дека е премија ако се начека место на паркинг.

            За да се реши овој проблем, пред неколку дена во Ново Лисиче градоначалникот на Општина Аеродром Ивица Коневски, и градоначалникот на Скопје Коце Трајановски свечено пуштија во употреба нов бесплатен паркинг на булеварот Видое Смилевски Бато, веднаш до сателитската антена. Новото паркиралиште има простор за 65 автомобили, и две места наменети за лица со инвалидитет.

            Се надевам дека со новото паркиралиште ќе се реши проблемот со паркирање во овој дел на општината. Порачувам овој пример да го следат и другите општини, изјави на Коце Трајановски отворањето на паркингот.

            Во тек е изградба на уште едно вакво паркиралиште кое набрзо треба да биде готово, а во план е изградба на уште едно. Пред една година, исто така беше изграден и паркинг на 2 ката со простор за 100 автомобили.

            Градоначалникот апелираше до станарите од Аеродром да не ги паркираат возилата на јавните зелени површини, на плочниците и околу зградите, со што го уништуваат зеленилото и ги кршат плочниците наменети за пешаци. Дополни дека сообраќајната полиција и пајак службата ќе вршат засилени контроли и ќе ги казнуваат станарите со непрописно паркирани возила.

            Во населбата Ново Лисиче живеат 17 илјади жители. Во просек во едно семејство има по 4 членови и еден автомобил. За паркирање на автомобилите потребни се 4.250 места на паркинзите. Според нашите пребројувања населбата располага со простор за паркирање на максимум 3.800 автомобили.

            Станарите на една зграда неможејќи да се справат со овој проблем, веќе одамна имаат откупено простор од општината и околу зградата си имаат поплочено приватен простор за паркирање. Но бидејќи не секој може да си дозволи приватен паркинг, граѓаните паркираат на недозволени места.

            -Досега немам видено „пајак“ да крева коли во Ново Лисиче. Навистина е тешко да се најде простор каде да се паркира, ама се снаоѓаме некако, изјави жител на Ново Лисиче.

Марко Петревски

No comments:

Post a Comment