Фестивалот на виното почна
Обожавателите на вино ќе можат да уживаат во јубилејното петто издание на фестивалот на виното Виноскоп од 5ти до 9ти октомври. Манифестацијата се одржува на скопскиот плоштад Македонија покрај кејот на Вардар, веднаш до споменикот на Јустинијан први.
Фестивалот свечено го отвори градоначалникот на град Скопје Коце Трајановски во средата во 20 часот.
-Секоја капка гроздов сок преточена во виното зближува, па затоа на ова место под отворено небо може да уживате пет дена во вкусот на белото и на црвеното вино, изјави градоначалникот Коце Трајановски на свеченото отворање.
Атмосферата на фестивалот ќе ја подгреваат македонски музички изведувачи меѓу кои се квартетот на Драган Даутовски, Влатко Стефановски, Игор Џамбазов, Есма Реџепова и уште многу други. Ќе има музика речиси за сечие уво.
За вистинските уживатели на виното на Виноскоп ќе се продаваат стаклени чаши по цена од 60 и 100 денари, а цените на вината ќе се движат од 60 денари па нагоре, во зависност од видот на виното.
-Виноскоп е супер манифестација за мераклиите. Има многу метеж, ама топ е за дружба со најблиските. Ми се допадна греаното вино, одлично е за ладново време и ми ја разработи циркулацијата на крвта, изјави граѓанин што присуствуваше на фестивалот на виното.
Покрај виното, граѓаните ќе имаат можност да вкусат и многу гурмански специјалитети кои „одат“ во комбинација со вино. Нека е на здравје!
No comments:
Post a Comment