Sunday, December 4, 2011

Социјалните медиуми на мојата страница

http://www.facebook.com/pages/Multimedia-news/302287409792991?sk=wall
Фејсбук страница за мојот блог.

https://www.youtube.com/user/randomime1
Јутјуб канал

16 изложби на 16 години


Херојот од мојата улица: Стефан Плескоњиќ, најмладиот сликар во Македонија
16 изложби на 16 години


            Неофицијалниот гинисов рекордер и сликар Стефан Плескоњиќ својата прва самостојна изложба ја има направено на две и пол години. Има „дури“ 16 години и има одржано „само“ 16 самостојни ликовни изложби. Живее во Скопје и е втора година во скопската гимназија „Раде Јовчевски Корчагин“.

Стефан, кога почна да сликаш? Како започна целата приказна за тебе и сликарството?

            -Дедо ми е ктитор во манастирот во неговото родно село Теово, близу Велес. Во периодот кога тој беше зафатен со изградбата на манастирот често престојував кај баба ми и дедо ми. Бидејќи изградбата на манастирот била макотрпна, дедо ми понекогаш не се враќаше дома со недели. Еден ден, тој си дојде дома и и рече на баба ми: „Манастирот е готов, внатре се е наместено. Само недостасуваат слики“.
            По неколку дена, моите случајно ме однесоа во Младинскиот културен центар во Скопје, и тогаш имав прилика првпат да видам како изгледа ателје за сликање. Само што го здогледав, се сетив на речениците на дедо ми дека во манастирот недостасуваат слики, па бидејќи бев хиперактивно дете седнав да нацртам нешто со намера да му помогнам. Кога моите видоа што направив се изнасмеаја, а потоа и ги однесоа сликите што ги нацртав да ги врамат за да имаме спомен од моето детство.
            Кога ги однесовме сликите на врамување, човекот што ги изработуваше рамките беше изненаден. Праша: „Чии се сликиве, кој уметник ги насликал?“. Моите му одговорија низ смеа: „Еве, од малиов уметник“. Бидејќи тогаш имав две и пол години, врамувачот не ме ни забележал дека сум влегол во дуќанот поради масата што била пред него. Потоа, на отворањето на манастирот, беше мојата прва самостојна изложна.

Колку изложби имаш направено? Дали некои од нив се во странство?

            -Досега имам направено 16 самостојни изложби, а дел од нив беа во странство. Мојата трета изложба беше во Брисел кога имав 4 години. Тогаш имав прилика да се запознаам со тогашниот генерален секретар на НАТО Џорџ Робертсон и да му подарам моја слика. Со него се уште оджрувам контакт, си честитаме празници и родендени преку и-мејл. Во Брисел имав прилика да го запознаам и следниот генерален секретар на НАТО Јаап де Хоп Шефер, а лани се запознав и со сегашниот генерален секретар Андерс Фог Расмунсен на една средба во хотелот Стоундбриџ во Скопје.
            Мојата последна изложба беше во Вашингтон пред 2 години. Периодов стагнирам со сликањето поради обврските на училиште. Лани одложив две изложби. Едната зашто се разболев, а другата ја откажав од безбедносни причини бидејќи требаше да биде во Бахреин.



Имаш ли добивано некакви награди и признанија за твоите дела?

            -Со 8 години јас сум најмладиот добитник на тринаесетноемвриската награда во историјата на град Скопје. Исто така, добив и признание за „Ѕвезда која допрва доаѓа“ на еден фестивал во Бугарија (сличен на нашето „Охридско лето“). Ова признание го добив кога имав 7 години.

Која ти е омилена техника на сликање?

            -Сликам апстрактна уметност со акрилни бои на картон. Таков ми е стилот и не сакам да го менувам. Кога цртам нешто реално, не се разликувам многу од моите врсници, но кога цртам нешто апстрактно и во мојот омилен стил, се разликувам многу. Ретко кој од моите врсници може да го разбере тоа што го правам. На пример, на часовите по ликовна уметност не можам да се истакнам пред другите соученици бидејќи ни даваат да работиме нешто сосема различно од тоа што го работам јас.

Кои се твоите планови за иднина?

            -Периодов стагнирам, но преговарам со Амбасадата на РМ во Стокхолм за да направам изложба таму. Планирам таа да се случи во ноември. Москва е следна.

Марко Петревски

Wednesday, November 2, 2011

Аудио приказна

Немам авторски права врз фотографијата во видеото. Преземена е од овој линк http://www.avijacija.com.mk/forum/viewtopic.php?f=11&t=4572&start=260

Wednesday, October 26, 2011

Фото приказна

Новиот цветен пазар во Скопје кој беше отворен деновиве се наоѓа на последната автобуска станица 23, кај поранешниот „Дом на печат“.
Дамите беа меѓу првите гости кои го видоа новиот „букет“ од цвеќарници.
Сите врати се ширум отворени...
... за кавалерите кои решиле со цвеќе да им го разубават денот на дамите.
 Среде есен царува раскош од пролетни бои на новиот цветен пазар.
Најубаво цвеќе е она што е подарено со љубов.
 Цвеќето и на Балканот  веќе не цути само за Осми март.
Цвеќарките се натпреваруваат чиј излог е попримамлив за очи.




 И лево и десно - раскош од бои и цвеќиња.
Ранобудните можат да купат цвеќе во 8, ноќните птици до 22 часот.

Sunday, October 9, 2011

Вест

Фестивалот на виното почна

            Обожавателите на вино ќе можат да уживаат во јубилејното петто издание на фестивалот на виното Виноскоп од 5ти до 9ти октомври. Манифестацијата се одржува на скопскиот плоштад Македонија покрај кејот на Вардар, веднаш до споменикот на Јустинијан први.
            Фестивалот свечено го отвори градоначалникот на град Скопје Коце Трајановски во средата во 20 часот.
            -Секоја капка гроздов сок преточена во виното зближува, па затоа на ова место под отворено небо може да уживате пет дена во вкусот на белото и на црвеното вино, изјави градоначалникот Коце Трајановски на свеченото отворање.
            Атмосферата на фестивалот ќе ја подгреваат македонски музички изведувачи меѓу кои се квартетот на Драган Даутовски, Влатко Стефановски, Игор Џамбазов, Есма Реџепова и уште многу други. Ќе има музика речиси за сечие уво.
            За вистинските уживатели на виното на Виноскоп ќе се продаваат стаклени чаши по цена од 60 и 100 денари, а цените на вината ќе се движат од 60 денари па нагоре, во зависност од видот на виното.
            -Виноскоп е супер манифестација за мераклиите. Има многу метеж, ама топ е за дружба со најблиските. Ми се допадна греаното вино, одлично е за ладново време и ми ја разработи циркулацијата на крвта, изјави граѓанин што присуствуваше на фестивалот на виното.
            Покрај виното, граѓаните ќе имаат можност да вкусат и многу гурмански специјалитети кои „одат“ во комбинација со вино. Нека е на здравје!

Saturday, October 1, 2011

Претставување

Здраво.
Името ми е Марко, а презимето Петревски. Студирам новинарство на Високата школа за новинарство и односи со јавноста и сум втора година. На овој блог ќе можете да ги следите сите мои активности во врска со предметот он-лајн новинарство.
Поздрав :)